Уапсена директорката на ЈП „Водовод“ во Гостивар – Мицкоски: Морална одговорност треба да сноси и градоначалникот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уапсена е директорката на Јавното претпријатие „Водовод“ во Гостивар, Артана Асани, заедно со уште двајца нејзини соработници, во врска со загадувањето на водата во градот.

Претходно, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, соопшти дека директорката на претпријатието е суспендирана од работа сè до објавувањето на конечните резултати.

„Сите што во моментов имаат улога во ЈП не ги извршуваат своите работни обврски. Денеска ќе бидат објавени конечните резултати. Со ова не сакам некој да биде обвинет без вина, но сепак треба да се отвори патот овој проблем да добие епилог. Ја суспендиравме до објавувањето на резултатите.“, рече Лимани.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за оваа ситуација мора да има и морална одговорност, од раководството на претпријатието па сè до градоначалникот.

„Морална одговорност, апсолутно. Таму сите, од првиот до последниот, треба да понесат одговорност. Освен тоа што претпоставувам дека Обвинителството ќе се занимава со друг вид одговорност, очекувам, од градоначалникот па надолу, сите да понесат одредена морална одговорност.“, вели Мицкоски.

Лимани, во своето обраќање пред медиумите, изјави дека ситуацијата во Гостивар треба да ги обедини сите во надминувањето на кризата и повика ова прашање да не се користи за политички цели.