Косовскиот полицаец Африм Буњаку беше убиен во раните утрински часови во селото Бањска на северот на Косово. Исто така, еден полицаец е ранет.
Настанот се случил околу 02:34 часот, кога единицата за брза интервенција на граничната полиција забележала дека на влезот во селото Бањска, на мостот се поставени камиони и влезот бил блокиран. Косовската полиција откако пристигнала во близина на местото наишла на отпор при што било пукано од неколку различни позиции со огнено оружје, вклучително гранати и минофрлачи.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека организираниот криминал со „политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград се напаѓа Косово“.
„Денес е тежок ден за нашата земја. Од денеска на полицијата ќе и недостига посветен член. Исто како што ќе му недостига и на неговото семејство и на целото наше општество. Но, пред се, неговото убиство мора да се претвори во уште поголема заложба во борбата против бандите, илегалните структури, тешките криминали кои ја засегаат безбедноста на граѓаните и уставниот поредок.“, рече Курти.
Премиерот Албин Курти објави неколку фотографии од местото каде се случило убиството на косовскиот полицаец. На фотографиите се гледаат маскирани лица со униформи и автомобили без регистарски таблички.
Доктор Фитим Селими во врска со ранетиот полицаец изјави дека неговата состојба е стабилна и надвор од животна опасност.
„Веднаш по добивањето на веста дека криминалните групи извршиле напад врз полицајци на северот на Републиката со подготвеност што ја имаме, колегите му пружиле здравствена помош на полицаецот, таму е направено лекување и интервенирано е на раните, но тоа што не успеало да се направи на местото на настанот е направено овде. Од пациентот е извадено и туѓо тело. Станува збор за експлозивна направа, најверојатно бомба, а состојбата на полицаецот е добра. Нема висок степен на животна опасност“, изјави Селими.
Тензии на северот на Косово постојат уште од мај, кога жителите на општините со српско мнозинство на север не ги прифатија новите градоначалници Албанци, кои победија на изборите кои Србите ги бојкотираа.
