Учениците две недели губат од настава, Миликије Халими и Борис Георгиевски се уште не го решаваат проблемот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Учениците од селото Брњарци веќе две недели губат од настава. Родителите одбиваат да ги пратат на училиште и настојуваат да се отвори паралелка во селото во кое живеат. Всушност, во Брњарци има училиште – „Крсте Мисирков“, но нема паралелка на албански јазик. Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски вели дека имал средба со родителите, но дека нема формално-правно барање за отворање на ваква паралелка. Додава дека за овој проблем треба да се заинтересира и општината Арачиново.

Родителите велат дека градоначалникот Георгиевски, на средбата пред два месеца не побарал никакво барање, само рекол дека ќе ја разгледаат можноста, но како што објаснуваат, досега нема ништо конкретно. Градоначалничката на Арачиново пак, Миликије Халими сѐ уште не се произнесе по ова прашање.

-Ова нам ни лични на театар со нивни игри. Кога доставуваме барања до о.Арачиново, тие велат дека тоа е во надлежност на о.Гази Баба. Кога испраќаме барање до о.Гази Баба, велат дека е во надлежност на о.Арачиново. Нашите деца наидуваат на проблеми, затоа бојкотираме. Разбирам дека децата ќе заостанат со образовно-наставниот процес, меѓутоа ние нема да ги пуштиме на училиште.“.

И додека општините Гази Баба и Арачиново сѐ уште не седнуваат заедно да го решат проблемот со кој се соочуваат жителите и учениците од Брњарци, министерката Царовска вели дека не е надлежна.

Од Министерството за образование велат дека родителите кои нема да ги пуштат децата на училиште ќе бидат казнети. И додека институциите си ја префрлаат топката меѓу себе, учениците продолжуваат да губат од наставниот процес. Досега овие ученици патуваа по четири километри до училиштето „Ѓерѓ Кастриот-Скендербеу“ во Арачиново.