Учениците најверојатно ќе останат дома – онлајн настава и по први септември?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Онлајн наставата наиде на бројни пречки. Бараше помош од професори по информатика, но за електронски да се поврзе со учениците му помагаше и неговата ќерка. Но, четирите месеци предавање во онлајн формат, не му беа доволни на професорот по историја, Насер Мифтари за да може да каже дека е подготвен да држи онлајн часови и по први септември. Како пречка за тоа ја гледа неподготвеноста на професорите и учениците за одржување онлајн часови, како и недостиг на посебна план-програма.

-Додека да се мобилизиравме беше потребно време, иако ние почнавме по 2-3 дена. Друг аспект е што ние немавме план-програма од институциите, комплетирана програма околу тоа како треба да постапуваме во вонредни услови. Во овие услови што ги поминавме, мислам дека воопшто не е пожелно. Резултатите покажуваат. Јас сум дел од многу проекти и истите се трудиме да се развиваме онлајн. До што доаѓа во еден момент? До замор од сите ученици кои беа вклучени електронски. Не сакаат да се вклучуваат онлајн-вели Мифтари.

Пречка претставува и недостигот на технолошка опрема за професорите и учениците, за што Мифтари вели дека треба да се направи регистар.

-Без двоумење велам – навистина треба да се направи регистар. Кои наставници, кои ученици и кои родители немаат основна можност, за да им помогнеме, бидејќи ако заборавиме еден, тогаш тоа ќе биде загуба-рече Мифтари.

Побаравме став од директорот на Бирото за развој на образование, Зекирија Хасип. Тој вели дека се надлежни за обучување на наставниците, а, технолошката опрема, како што вели, е во надлежност на Министерството за образование и наука. Ресорното министерство изготви нацрт-верзија на Концепцијата за далечинско образование, но Хасипи вели дека тоа не е план-програма, бидејќи, сѐ уште не се знае како ќе се одржува наставата од септември.

-Откако ќе се финализира документот, ќе биде достапен за јавноста. Дали ќе има и како ќе се реализира наставата од дистанца, ќе се одлучи согласно условите со здравствената криза со Ковид-19. Имајќи ги предвид спецификите на нашиот образовен систем, работата во повеќе смени, одржувањето на настава на повеќе јазика и комбинираните паралелки, тешко дека ќе се изнајде брзо и унифицирано решение-изјави Хасипи.

Идеите за нацрт-Концепцијата за далечинско образование ќе можат да се достават до 10 јули, а недостатоци во однос на онлајн наставата се:

-недостиг на долгорочни стратегии,
-недостаток на технолошки и педагошки познавања на наставниците, родителите, инспекторите, директорите, и
-лоша ИТ опрема.