Угостителските објекти за новогодишната ноќ празни. Наместо прослава и новогодишна забава по 18 часот, рестораните и кафе баровите ставија клуч на врата. Вакво нешто се случува прв пат по Светската војна, велат од Независната угостителска комора.
„За жал навистина оваа година за прв пат не само кај нас туку и глобално, голем број угостителски објекти завршија празни и затворени. Сите свечености и прослави кои беа направени завршија во 18 часот со тоа што угостителските објекти после тоа останаа празни…Поголем дел од нас во својот живот не го доживеале ова фијаско.“, рече Здравко Јосифовски.
Според угостителите, периодот што следи ќе биде уште потежок и дел од сопствениците на угостителските објекти ќе бидат принудени да затворат. Тие се свесни дека Ковид пандемијата удри не само врз туристичко- угостителскиот сектор туку и врз економијата во целост.
Од Независната угостителска комора ги поздравуваат најавите од Владата за петтиот сет антикризни мерки и очекуваат покана за средба, со цел да дадат придонес во креирањето на мерки, кои како што велат, ќе бидат насочени кон нивните реални потреби. Деновиве и од Конфедерацијата на слободни синдикати истакнаа дека ќе инсистираат, парите од петтиот пакет да бидат уште поправично распределени на работниците и секторите кои се најпогодени од кризата.
„Ние како синдикати повторно ќе бараме парите што ќе бидат наменети за вработените да се направи напор да легнат директно на сметките на вработените ..00.50 Зашто гледате и денеска се уште има компании неодговорни, каде и покрај тоа што има префрлени наменски средства, одредени работодавачи не ја испочитуваа таа одлука. Наоѓаат разни начини само како да не исплатат на работниците.“, рече Марјан Ристевски од Конфедерација на независни синдикати.
Во надеж дека во најскоро време ќе бидат повикани на разговор со Владата, потенцираа дека таргет од новиот пакет економски мерки треба да биде токму Угостителскиот сектор. Таму загубите се најголеми и тоа како последица на ограниченото работно време велат од Конфедерацијата.
Инаку старата 2020 година ќе биде запаметена како година која заврши со преку 70 проценти пад на прометот во туризмот и угостителството. Ограниченото работно време ги натера да дејствуваат и пред Уставен суд, каде поднесоа иницијатива .Одговорот од таму се уште го чекаат.
