Македонија ќе ја испрати оваа година со екстремно студено време и ниски температури кои на многу места нема да го поминат нултиот степен. Според најавите на УХМР, последниот ден од годината и новогодишната ноќ ќе бидат под влијание на засилен до силен северен ветер, а на одредени места се очекува и провејување на слаб снег.
Празничната атмосфера во четврток и петок ќе биде во знакот на „дебели“ минуси. Минималните температури во целата држава ќе бидат негативни, а во одредени предели се очекува да се спуштат и под -10 степени.
Веќе од петок и во текот на претстојниот викенд се очекува промена на метеоролошката состојба. Студениот северен ветер ќе биде заменет со умерен до засилен ветер од јужен правец, што ќе донесе постепен пораст на температурите. Времето ќе биде променливо облачно, а наместо снег, во наредните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд.
