Со пример за злоупотреба на балансерот при вработувањето се соочила и Антикорупциска комисија. Од оваа институција во март годинава бил објавен оглас за вработување за 13 административни службеници од кои двајца кандидати кои конкурирале за неколку работни позиции за својата етничка припадност навеле онака како што се барало во огласот иако тие не биле припадници на тој етникум. ТВ21 во минатото објави бројни примери за вработувања во државните институции по етничка линија во кои македонци се пријавувале како албанци, роми или турци.
„Лицето П.Б. е Македонец и рангиран и предложен како најдобар кандидат за работното место предвиден за Ром, додека лицето А.Р. е Албанец рангиран и предложен како најдобар кандидат за работното место предвидено за Турчин. Предлагам против лицата П.Б. и А.Р. да се покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење“, вели Нури Бајрами.
Треба да размисли и Собранието и сите политички чинители дали е време да се укине балансерот поради тоа што не е веќе таа ситуација како порано кога мораше да има квоти.
„Ова што го видов со нашиот конкурс тоа значи сите ние, значи најдовме финта сите ние ќе се пријавиме со пет – шест различни националности и никој ништо не ти може. И затоа поддржувам укинување на балансерот и да се размисли за да нема веќе квоти и да мора да се гарантира. Време е квалитетот да дојде на сцена“, посочи Горан Трпеновски.
Неодамна премиерот Димитар Ковачевски во едно интервју рече дека Балансерот е политичка одлука во државата, но дека мора да се изгради систем во кој ќе се зборува за квалитет и за унапредување на услугите што ги дава јавниот сектор.
