Данска го испорача вториот контингент повеќенаменски борбени авиони Ф-16 во Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е на пат за Париз, каде вечерва ќе се сретне со водечки политичари и претставници од целиот свет.
Во пораката во Телеграма, Зеленски ја пофали Данска и изрази жалење за недостатокот на посветеност од другите сојузници, пренесе АФП.
„Првата испорака на авиони дадена од Данците е веќе соборување руски ракети, спасување на нашиот народ и нашата инфраструктура. Сега нашата противвоздушна одбрана е дополнително зајакната“, рече Зеленски.
„Доколку сите партнери беа толку решени, ќе можеме да го направиме рускиот терор невозможен“, напиша Зеленски.
Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин не бара „вистински мир“ и дека сака само да и се заканува на една земја со бомби, ракети и други форми на насилство.
Само со сила можеме да се спротивставиме и само преку сила може да се воспостави вистински мир“, рече Зеленски.
Зеленски денеска треба да се сретне со светските лидери на церемонијата по повод повторното отворање на реновираната катедрала Нотр Дам во Париз по катастрофалниот пожар во 2019 година. Домаќин е францускиот претседател Емануел Макрон.
Меѓу присутните на таа церемонија ќе биде и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, како и европските лидери, кои, како што пишува АП, сакаат да го убедат да ја задржи поддршката за Украина против тригодишната руска инвазија. Не беше наведено дали Трамп ќе се сретне со Зеленски.
