Украинските спасувачи извлекуваат тела од урнатините откако руски напади усмртија 18 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Руски ракетен и беспилотен напад во текот на ноќта однесе најмалку 18 животи низ Украина, меѓу кои и две деца, во еден од најголемите напади на Москва во последните неколку месеци.

Според регионалните власти, во градот Днипро загинале 12 лица, меѓу кои осумгодишно момче и жена чии тела биле извлечени од урнатините на станбена зграда. Во главниот град Киев загинале шест лица.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека низ целата земја биле цел на напад цивилна инфраструктура и енергетски објекти, а повеќе од 100 лица се повредени.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападите биле одговор на претходни украински акции и наведе дека сите „зададени цели“ биле успешно погодени.

Кремљ во вторникот соопшти дека ги спроведува „систематските напади“ што претходно ги најавил, откако ја обвини Украина за смртоносен напад врз студентски дом во окупиран дел од источна Украина кон крајот на мај.

Од Киев, пак, соопштија дека погодиле руска воена единица.

– Оваа практика ќе продолжи – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тврдејќи дека нападите се насочени кон украинска воена инфраструктура.

Зеленски уште во понеделникот вечерта предупреди дека е можен „масовен напад“ и ги повика граѓаните внимателно да ги следат предупредувањата за воздушна опасност.

Во вторникот наутро тој изјави дека Русија во текот на ноќта лансирала 656 ударни дронови и 73 ракети од различни видови – балистички, крстосувачки и противбродски.

– Итно ни е потребна помош од САД за снабдување со ракети за системите „Патриот“ – порача украинскиот претседател.

Според него, главната цел на нападот бил Киев, каде повторно биле оштетени десетици станбени згради и други цивилни објекти.

Спасувачките екипи во Днипро продолжуваат да пребаруваат низ урнатините на зградата каде што загинаа 12 лица. Регионалниот гувернер Олександр Ганжа соопшти дека меѓу жртвите се осумгодишно момче и жена, додека уште едно дете загинало во експлозијата.

Зеленски објави дека нападот практично уништил дел од зградата.

Повеќе од 90 лица биле повредени во Киев и Днипро, додека во североисточниот град Харков биле повредени уште 10 лица, меѓу кои и едно дете.

Нападната била и индустриска постројка во јужниот регион Запорожје, а мета биле и други области низ Украина.

Во Киев рано утринава можеле да се видат големи столбови чад, додека градските власти предупредиле на балистички ракети и ги повикале жителите да останат во засолништата.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека нападите предизвикале пожари во близина на бензинска пумпа, градилиште, неколку станбени блокови и две куќи. Во делови од градот биле регистрирани и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Жители кои се засолниле во метрото изјавиле дека живеат во постојан страв. Една 32-годишна жена рекла дека веќе ја изгубила надежта дека војната наскоро ќе заврши.

Во меѓувреме, во руската Курска област едно лице загинало во украински напад со дрон во понеделникот вечерта, соопшти регионалниот гувернер Александар Хинштејн.

Пожар бил пријавен и во рафинерија во градот Краснодар, откако објектот бил погоден од дрон.

Украинската војска потврди дека во текот на ноќта извршила напади врз повеќе цели на руска територија.

Откако во мај истече краткотрајното примирје, Русија неколкупати изведе масовни ракетни и дронски напади врз Киев. Во еден од нив беа убиени 24 лица, меѓу кои и три деца.

Неколку дена подоцна Украина возврати со напад во Московската област, при што според руските власти загинале три лица, а Зеленски тогаш изјави дека нападот бил „целосно оправдан“.

Украинските власти ги оценија руските закани како „ништо помалку од бесрамен обид за уцена“ и ги повикаа сојузниците да го зголемат притисокот врз Москва.