УНЕСКО му даде нова шанса на Охридскиот Регион – нема впишување во опасност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Охридскиот Регион останува под заштита на УНЕСКО и нема да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Комитетот за светско наследство донесе одлука со која му се овозможува на регионот да го задржи статусот на заштитено светско културно и природно наследство.

Со одлуката, Северна Македонија доби дополнителен период од пет години за реализација на препораките на УНЕСКО и преземање конкретни мерки за зачувување на природните и културните вредности на Охридскиот Регион.

Македонската делегација, предводена од амбасадорот во Париз Игор Николов, ја потврди посветеноста на државата кон исполнување на преземените обврски и продолжување на активностите за заштита на регионот.

Николов оцени дека одлуката претставува признание за досегашните чекори, но и сериозна обврска за продолжување на работата во наредниот период.

Меѓу клучните задачи остануваат подобрување на институционалната координација, справување со бесправната градба, заштита и обновување на Студенчишкото Блато, како и продолжување на соработката со Албанија во управувањето со прекуграничното светско наследство.

Надлежните институции посочуваат дека следниот период ќе биде од особено значење за спроведување на мерките што треба да обезбедат долгорочно зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.