Унгарски кредит за стопанството: Оптимизмот на Владата контра реалната процедура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако владата и лично премиерот Христијан Мицкоски се оптимисти дека унгарските 250 милиони евра ќе им се понудат на компаниите уште нa почетокот на јануари 2025 година, потребните процедури за финализирање на постапката најавуваат дека нема се да се одвива така брзо. Во моментов, на само осум дена од Нова Година, банките го немаат добиено договорот од Развојната банка со кои јасно и детално се определуваат под кои услови и кои фирми од кои сектори, ќе можат да поднесат барање за кредит. И самите компании, не знаат кој се ќе може да аплицира.

„Што побрзо тоа подобро, меѓутоа релевантно е тука, нели се уште немаме кристално чисти, јасни параметри врз основа на кои ќе се одредуваат, барем јас не сум ги видел“, изјави Горан Ѓоргиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

„Па јануари има многу неработни денови, така дa јас сепак би оставила ете за февруари, меѓутоа, дај Боже, сите ќе работиме и на тоа и да биде и во јануари“, изјави Нина Неданоска, заменик претседателна УО на Шпаркасе банка АД Скопје.

Процедурата вели дека Развојната банка ќе треба да ги достави договорите до банките, по што надзорните одбори на банките ќе ги потпишат па ќе почнат процедурите за аплицирање.

Инаку, бизнис заедницата, банкарите, но и дел од научната фела, немаат ништо против можноста дел од овие 250 милиони евра да се потрошат и за изградба на трговски центри.

„Тоа е одлука нивна, на влада, јас тука не би можел што да кажам, немам коментар едноставно“, изјави Горан Ѓоргиевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

„Јас не би исклучила ниту молови, ниту било кој друг проект во кој што треба да се инвестира“, изјави Нина Неданоска, заменик претседателна УО на Шпаркасе банка АД Скопје.

„Повеќе бараме да се насочат кон производството, нормално, меѓутоа и кон другите дејности кои имаат добри проекти да ги користат“, вели Менди Ќура, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Oд сите оние гранки кои можат да донесат раст од 3,7 како што го проектираа и во најголема мера раст на среден рок од 5 отсто“, изјави Синиша Наумоски, Хајделберг факултет Скопје.

Основните параметри на унгарскиот кредит е отплата до 15 години, грејс период до три години, каматна стапка од 1,95 отсто и учество од 20 отсто на фирмите.