Пред седум години почна да се реновира, но Албанскиот театар сѐ уште е вон функција. Министерката за култура, Ирена Стефоска без да спомне датум, рече дека вратите на театарот официјално ќе бидат отворени напролет. Инаку, театарот веќе подмири дел од долговите. Оваа културна установа почна да се реновира уште во 2014-та година, а само пред неколку недели доби одобрување од Министерството за транспорт и врски дека може повторно да почне со работа.
Досега за реновирање на театарот се потрошени 10.5 милиони евра. Неколкупати беа пробиени роковите за завршување на градежните активности и почеток со работа. Но, и откако завршија сите активности, врнежите од дожд покажаа дека работата не е направена како треба, поради тоа што кровот почна да прокиснува. Од друга страна, пак, министерката за култура најави и дека Универзалната сала во Скопје ќе се реновира следната година, но не прецизираше кога ќе биде готова.
Универзалната сала е под клуч веќе 6 години, поточно од 10 март 2015 година. Инаку, денеска пред излозите на Универзална имаа перформанс сексуалните работнички, по повод Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
