Зградата на „Капитол Хил“ под опсада.
Илјадници приврзаници на Доналд Трамп ја опкружија, па упаднаа. Следуваа незапаметни снимки.
Присутните ја напуштија салата. На социјалните мрежи се споделуваа фотографии од поддржувачите на Доналд Трамп како слободно се движат низ зградата која е една од најзаштитните во Америка.
Се започна кога Трамп ги повика своите приврзаници да го кренат гласот против како што вели тој украдените избори.
„Одиме до Капитол Хил, таму ќе ги бодриме нашите храбри сенатори и претставници во Конгресот“, истакна Доналд Трамп.
Додека траеше заедничката седница за потврдување на изборните резултати. Поддржувачите го послушаа Трамп и тргнаа кон Капитол Хил. Една група се упати кон главниот влез и брзо го проби полицискиот кордон, по што влегоа во зградата.
Конгресот ја прекина работата, а претставниците ја напуштија салата. Во еден момент се слушаше и пукање, а најмалку кон едно лице е пукано и убиено во зградата на Конгресот.
„Ова не е протест, ова е насилство. Ова е хаос! Граничи со бунт и мора веднаш да се пркине. Ги повикувам да се повлечат и да остават демократијата да функционира“, вели Џо Бајден.
Побара од Трамп, на своите поддржувачи да им каже да се повлечат во своите домови. Трамп тоа и го направи. Но продолжи со своите лаги.
„Знам дека ова ве боли, знам дека сте повредени. Покрадени сме на изборите кои се одржаа, победивме уверливо и сите тоа го знаат“, порача Доналд Трамп.
Откако падна ноќ во Америка, полицијата успеа да ја врати контролата во главниот град. А од 18 часот беше воведен и полициски час.
„Пронајдени се и две експлозивни направи, една во седиштето на демократите, а друга во седиштето на републиканците. Пронајдовме и преносен фрижидер со молотови коктели“, посочи Роберт Конте.
Продолжена е и вонредната состојба во САД, со цел загарантирана безбедност за време на инаугурацијата на новиот претседател.
„Вкупниот број на електори за избор на претседател на САД е 538, а од тој број победува кандидатот кој има 270 гласови. Резултатите за гласање на претседател се следни: Џозеф Бајден од државата Далавер, доби 306 гласови, а Доналд Трамп од Флорида доби 232 гласа“, објави Мајк Пенс.
Се огласи и Доналд Трамп, кој порача дека 20-ти јануари ќе биде мирна претседателска транзиција.
„Иако во целост не се согласувам со изходот, а фактите ми идат во прилог, сепак на 20. Јануари ќе има мирно примопредавање. Секогаш велам дека ќе ја продолжиме нашата борба како би се осигурале во броењето само легални гласови. Иако ова претставува најдобар прв мандат во историјата, тоа е само почеток на нашата борба да Америка повторно ја направиме голема“, додаде Трамп.
Социјалните мрежи Фејсбук и Твитер привремено ги суспендираа профилите на Доналд Трамп, да не може да испраќа нови пораки. YouTube сервисот пак ги избриша снимките на кои Трамп ги повикува демонстрантите да се повлечат во своите куќи, повторувајќи дека изборите биле нерегуларни.
Членовите на правосудниот одбор бараат, потпретседателот на САД, Мајк Пенс да се повика на 25. амандман, со што Трамп би се прогласил неспособен за вршење должност и би бил разрешен од функцијата.
На изборите одржани во ноември, Бајден освои 306 електорски гласови, а Трамп 232. Двата дома ги продолжија седниците по прекините поради насилството. Претставничкиот дом и Сенат пред потврдување на резултатите ги отфрлија приговорите на републиканците сенатори и претставниците од Пенсилванија, Џорџија, Невадија, Аризони и Мичиген.
