Ураганот Ета ја погоди Централна Америка – преку 150 лица изчезнати или загинати

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ураганот Ета остави најмалку 150 загинати или исчезнати во Гватемала, која го претрпе најтешкиот удар во Централна Америка, пред да ослабне и да се врати над Карипското Море, каде се очекува да се зајакне и да ги загрози Куба, Јамајка и Флорида.

Се додава дека Ета оставила вкупно скоро 180 мртви или исчезнати и илјадници повредени во шест земји од Централна Америка, пренесува Бета, повикувајќи се на Франс прес.

Поплавите и пресечените патишта ги спречија спасувачките екипи да стигнат до погодената област во Гватемала во четвртокот, но во петокот таму пристигна воен одред и започна потрага по преживеани во урнатините.

Ета, која пристигна на карипскиот брег на Никарагва во вторникот, како ураган од четврта категорија, со брзина на ветерот од 140 километри на час, постепено ослабуваше додека минуваше низ Никарагва и Хондурас.

Поројните дождови што ги предизвика погодија шест држави од Централна Америка.

Ураганот се очекува да ја погоди Куба во недела, според американскиот центар за набудување на урагани NHC, и се заканува на југоистокот на Мексико, Јамајка, Кајманските острови и Јужна Флорида.

Во Никарагва, десетици луѓе талкаат по урнатините на своите домови кои беа потопени и оставени без покривите однесени од ураганот.

Климатските промени доведуваат до зголемување на температурата на површинските води во океаните, што овозможува формирање на помоќни циклони и урагани кои носат поголем дожд, особено опасен за населението, посочува Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC).