Претставничката на Групацијата за недвижности при Стопанската комора, Фросина Ушлиновска, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 посочи дека пазарот на недвижности има сериозна нерегулирана зона кога станува збор за данокот на добивка при препродажба на имот.
Според неа, многу купувачи купуваат имот во рана фаза од изградбата, по пониска цена, а потоа го продаваат веднаш по завршувањето, кога вредноста е значително повисока. Разликата во цената — добивката што ја остваруваат — во пракса не се пријавува, иако законски е обврзувачка.
„Ако некој пред три години купил стан по одредена цена и сега го продава со голема добивка, треба да плати данок на таа добивка. Но кај нас тоа не е регулирано во пракса. Треба да се пријавува, а не се пријавува,“ нагласи Ушлиновска.
Таа побара новиот Закон за промет на недвижности, кој Комората го очекува да се донесе наскоро, да ја затвори оваа „дупка“ и да воведе јасен механизам за пријавување на таквиот тип трансакции, со цел да се спречат злоупотреби и да се обезбеди фер даночен систем.
