Четири години откако беше усвоен Законот за употреба на јазиците, Владата донесе Уредба со која се овозможува употреба на албанскиот јазик и на униформите во полицијата.
Во 2020 година тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, потпиша нормативни акти за амблемите на полицијата да бидат испишани и на албански.
„Овие акти треба да ги одобри Владата и потоа да се отворат постапки за тендер да може во пракса да се интервенира за амблемите на полицијата. Тоа е нормативна база која отвора пат и на други активности поврзани со обезбедување на амблемите и на албански јазик“, истакна Агим Нухиу.
Но, истата година, по Нухиу, на чело на овој ресор дојде актуелниот министер Оливер Спасовски, кој секогаш на прашањата на ТВ21 околу спроведувањето на двојазичноста во полиција, одговараше дека постапката е во тек. Две години од потпишувањето на нормативните акти, првиот вицепремиер, Артан Груби, соопшти дека на владина седница е усвоена измена на Уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен и на униформите на полициските служби согласно законот. Уште една успешно извршена задача!, напиша Груби. Но, премиерот Димитар Ковачевски објаснува колку време ќе биде потребно за униформите да добијат ознака и на албански јазик:
Лидерот на опозициската Алијанса за Албанците, Зијадин Села посака оваа Уредба да не наиде на иста судбина како Законот за употреба на јазиците. Вели дека е скептичен околу нејзиното спроведување и додава дека ДУИ требала оваа работа да ја заврши многу порано, имајќи предвид дека веќе 20 години е во Влада.
„Се разбира дека прстот се вперува кон оние кои доцнеа со носењето на законот и кои се на власт веќе 20 години. Затоа јас се надевам дека оваа Уредба нема да ја има истата судбина како законот, бидејќи секогаш се носи некоја Уредба, народот „живнува“ само за еден закон, а во меѓувреме истиот не се спроведува. На пример, до каде е спроведувањето на албанскиот јазик низ судови? Сите овие елементи веќе дури не се ни дискутираат“, вели Зијадин Села.
Инаку, Законот за употреба на јазиците е усвоен во 2018 година, а на сила стапи една година подоцна, бидејќи тогашниот Претседател Ѓорге Иванов одби да го потпише. Според Член 8 Став 3 од Законот, униформите на полицијата, пожарникарството, здравството во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, треба да бидат испишани и на албански јазик.
