Уште двајца обвинети признаа вина – давале пасоши на балкански наркобосови, сега добија затвор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На првото рочиште петмина од вкупно 11 обвинети за фалсификување пасоши не признаа вина, но денеска двајца од нив се премислија. Шемседин Јашари и Оливера Софрониевска пред судот признаа вина дека изготвувале и фалсификувале патни исправи со лажен идентитет. 

Според обвинението, Јашари издал вкупно 9 пасоши, а Софрониевска 198, за што е казнета со 2 години и 5 месеци затвор. За добивање лажен пасош, според проценките на МВР платена е сума до 20 илјади евра.

Обвинителката Спасенка Андонова очекува и другите обвинети да ја признаат вината и предметот да заврши многу брзо.

По признавањето на вината од страна на двајцата обвинети, Јашари и Софрониевска, останува да им се суди на Фарук Буки, Весна Колевска и Бранислава Владичевска кои одлучија да се искажат дека не се виновни. Во меѓувреме, сите обвинети кои ја признаа вината добија забрана за вршење на професијата во следните 10 години. За издавањето лажни пасоши, обвинети се вкупно 11 лица, 10 од нив вработени во МВР, и еден посредник.