Уште еден ден за Изборниот законик – Рокас и натаму оптимист: „Се надевам дека ќе се постигне консензус до утре“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На ден пред истекот на дополнителниот рок партиите без некакви изгледи дека и воопшто може да ги приближат ставовите и да го донесат Изборниот законик кој е дел од Реформската агенда. Сепак евроамбасадорот Михалис Рокас не губи надеж и очекува дека политичките партии сепак ќе постигнат консензус за ова прашање.

„Јас навистина се надевам, има уште еден ден за да се постигне консензус. Јас разбирам координаторите на партиите се среќаваат на дневна основа и се надевам дека овој чекор ќе биде постигнат. Како што знаете и како што беше објавено во јавност се работи за 4,2 милиони евра коио што би биле искористени како бенефит за македонските граѓани и се надевам дека овој консензус ќе биде постигнат до крајот на утрешниот ден.“, изјави Михалис Рокас.

Но и покрај ваквите надежи на евроамбасадорот Рокас, сепак партиите и натаму се на дијаметрално спротивставени страни. Претседателот на СДСМ Венко Филипче вели дека тие ќе го прифатат оној закон со кој ќе се подобри начинот на гласањето, но не прифаќаат е воведување механизам со кој изборите би се изманипулирале.

„Како ќе се контролира електронското гласање или праќањето писма по пошта? Не предлага власта освен овој предлог и контролен механизам. Што го потврдува сомнежот дека сакаат да протнат механизам за кражба на изборите. Ништо друго. А доколку сакаат може да отвориме дебата во рамки на некоја експертска група да се најде соодветно решение. Е, тоа е вистински пристап.“, рече Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак вината на префрлаат кон опозицијата, бидејќи како што рекоа, немаат намера да се договорат за нов Изборен законик.

„Социјалдемократскиот сојуз, Левица и ДУИ не сакаат нов Изборен законик, затоа што тоа го спремаат за алиби во пресрет на следниот изборен циклус. Отприлика тоа би изгледало вака, едните ќе се жалат дека не се внесени препораките на ОБСЕ и ОДИХР во новиот Изборен законик, другите ќе се жалат дека немаат повеќе пари за рекламирање, а третите ќе се жалат дека немало да се почитува волјата на граѓаните“, рече Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на партиите на Албанците, се дека дијаспората треба да гласа. Албанската лига најави дека ќе го блокира законот, доколку не биде постигнат договор да гласа дијаспората.