Уште еден „приватен“ пајак во Тетово – 70% од заработката оди за компанијата, 30% за општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Тетово профункционира третиот пајак кој ги крева автомобилите кои се паркирани непрописно. Едниот е на општината, а другите два се преку јавна набавка. Договорот предвидува 70% од парите кои ќе бидат собрани да завршат кај приватната компанија, а само 30% да бидат префрлени на сметката на Претпријатието за паркиралишта.  

Податоците за јавни набавки покажуваат дека компанијата „Бес Ауто Транспорт“ потпишала договор со ЈП „Градски паркинг“ на 26 мај годинава, а според податоците на Централен регистар, оваа компанија е основана само два месеца претходно. Договорот е склучен во времетраење од 24 месеци, со можност за продолжување.

Иако во договорот пишува дека возилата ќе се користат само по потреба, на терен можат да се видат само овие две.

Ист договор ,„Градски паркинг – Тетово“ потпиша и со компанијата „Компас“ на 28 јуни, а пајакот на компанијата почна со работа денес.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, вели дека потпишаните договори биле јавни и транспарентни, додавајќи дека доколку има потреба, ќе бидат донесени уште пајак-возила.

„Со транспарентна процедура преку јавен повик Претпријатието за паркиралишта побара набавка на дополнителни возила. Едното беше обезбедено претходно, а сега и другите. Доколку процениме дека имаме потреба, ќе набавиме уште вакви возила, со цел Претпријатието за паркиралишта да биде во функција на деблокирање на сообраќајот во Тетово и „Градски паркинг“ да функционира согласно одлуката на Советот кој има институционална одговорност“, вели Биљал Касами. 

Во Тетово ако возилото ви е паркирано непрописно и биде кренато од пајак, ќе треба да платите 1.800 денари. Ова значи дека 1.400 денари одат за приватната компанијата, а 400 денари завршуваат на сметка на „Градски паркинг“, претпријатие кое брои над 60 вработени, а минатата година влезе во долг за да ги подмири платите на сите работници. На крајот на годината претпријатието имаше долг од 180 илјади евра.