Уште колку ќе се чека за лекот Калидеко? – Филипче не знае до каде е постапката, пациентите чекаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Беше ветено за оваа недела, меѓутоа лекот Калидеко за трите пациентки со цистична фиброза, се уште не е пристигнат. Министерот Филипче вети дека до овој петок лекот треба да биде на располагање за трите девојки со оваа ретка болест. Тој рече дека доцнат процедурите и дека нема информации кога овие пациенти ќе ја добијат терапијата, бидејќи чекаат веќе долго време.

Бидејќи стравуваа дека состојбата ќе им се влоши, трите девојки кои страдаат од специфична генетска мутација Цистична фиброза, пред една недела излегоа на прес конференција, со апел до надлежните институции да им ја обезбедат потребната терапија со цел да им се подобри секојдневниот живот и здравствената состојба.

„Не сакам да одам веќе по болници. Сакам да бидам слободна како што бев порано со употребата на лекот“, истакна Фљора Гаши.

Лекот Калидеко (Ивакафтор) беше обезбеден за два месеца за овие пациенти од ФЗО, со цел да се тестира неговата ефикасност. Лекот се покажа доста ефикасен, затоа пациентите замолуваат што побрзо да го имаат на располагање. Додека стигне лекот, Мерали, Фљора и Драгана и натаму ќе останат приклучени на апаратот за кислород, хоспитализирани, примајќи ја континуирано терапијата.