Уште пет години ќе се фрла отпад во Русино – Полошките општини со договор за основање регионално претпријатие

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деветте општини од Полошкиот регион потпишаа договор за основање претпријатие кое ќе управува со отпадот во Полог. Согласно договорот, овие општини ќе можат да фрлаат отпад во депонијата Русино и во наредните 5 години.

„Имаме постигнат договор кој опфаќа 19 точки. Овие точки се повеќе од оперативен карактер, со цел да не се крадат камиони, да имаме надзор, да имаме алтернативен пат, за што веќе работиме на документацијата“, посочи Фатмир Саити. 

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека главната точка е дислоцирањето на депонијата.

„Најважната точка е – да се дислоцира депонијата Русино и да се најде нова локација, нова зона која ќе биде регионална депонија за целиот Полог. Всушност  договорот предвидува – додека да се изнајде нова локација, односно додека да се однесе одлука каде ќе биде сместена новата регионална депонија за Полошкиот регион ќе можат сите општини да фрлаат отпад,  бидејќи таков беше договорот и со „Стоп Русино“ и со општина Гостивар, да важи за сите 9 општини од Полошкиот регион“, вели Арбен Таравари.

Според градоначалникот на Боговиње пак, Аљбон Џемаили, не би било проблем новата депонија да се стационира во неговата општината, доколку истата ги исполнува еколошките услови.

„Локацијата може да биде и во о.Боговиње, запазувајќи го моментот да не се доведеме до ситуација како што беше со депонијата Русино. Треба да се задоволат сите параметри и нема да има никаков проблем од страна на о.Боговиње“, посочи Аљбон Џемаили.

Согласно планот, Претпријатието за управување со отпадот треба да го собира и сметот од домовите на граѓаните. Иако граѓаните од Полошкиот регион протестираа со години како последица на палењето на дивите регионални депонии, сепак Полог сѐ уште нема депонија која ги задоволува сите еколошки стандарди.