Уставен и натаму без претседател – и денеска пропадна обидот за наследник на Кацарска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повторно пропадна обидот за избор на претседател на Уставниот суд. Иако и денеска на два пати се гласаше за тоа кој ќе ја наследи Добрила Кацарска чиј мандат истекува, на седницата која се започна изутрината во 10 часот и се одвиваше зад затворени врати ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Од Уставниот суд со кратко соопштение образложија дека гласањето ќе продолжи во понеделник.

Денеска продолжи постапката за избор на нов претседател на  Уставниот суд.  Во два наврати судиите гласаа за предложените кандидати, при што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Со согласност на сите судии беше договорено седницата за избор да продолжи во понеделник на 3 јуни. Мандатот на претседателката Добрила Кацарска истекува на 2 јуни 2024 година“, велат од судот.

Во текот на вчерашниот ден имаше четири неуспешни обиди за избор на претседател на Уставниот суд, а судиите гласаа меѓу двајца од кандидатите уставните судијки Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева. Во текот на вчерашното гласање гласовите биле поделени  5 спрема 4, но за изборот е потребно двотретинско мнозинство односно најмалку 6 од постојните 9 судии треба да гласаат за еден од кандидатите. Како што е предвидено прегласувањето се одвива се додека не се избере нов претседател. Претседателката Кацарска деновиве рече дека очекува идниот претседател на Уставниот суд да продолжи да ги извршува работите ажурно и да се постапува по сите предмети без оглед од каде потекнува иницијативата.