Усвоен ребалансот на буџетот, во салата освен пратениците од власта, присутни мал број од опозицијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Уште на првиот ден од расправата со 67 гласови за и 7 против, пратениците во Собранието го усвоија ребалансот на буџетот иако за него има рок за донесување до три дена. Практично и самата расправа траеше кратко со оглед на тоа што во салата имаше мал број на пратеници од опозицијата, а оние од Европскиот фронт ја напуштија салата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека со ребалансот се обезбедува исплатата на плати и пензии, нормално функционирање на институциите и реализација на проектите.

„Предвидовме усогласување со минималната плата на вработените, каде минималната плата претставува компонента на основната плата. Усогласување на платите според индексот на трошоци на живот за првите шест месеци од годината согласно одредбите од општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор. Обезбедување на дополнителни средства за исплата на апанажи на функционерите, исплата на пензии за кои се обезбедени дополнителни средства од 5.1 милијарда денари“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Критики за ребалансот имаше од опозициската СДСМ кои сметаа дека тој е катастрофално лош особено поради фактот што дефицитот е зголемен а со тоа и јавниот долг.

„Според ребалансот на Буџетот и претпоставките во него зголемен е буџетскиот дефицит за 11 милијарди и 156 милиони денари или дефицитот сега изнесува 4,9 проценти од планираниот бруто домашен производ . Ова значи дека дефицитот кој што изнесуваше 33,5 милијарди денари сега ќе изнесува 43,7 милијарди денари што автоматски значи зголемување на јавниот долг на државата.“, вели Димитар Ковачевски.

Со ова корегирање на државната каса вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари што е за 8 милијарди денари повеќе во однос на проекцијата на буџетот за годинава. Вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари, додека дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари што е 4,9% од БДП во однос на претходно планираното од 3,4 проценти.