Државниот карантин, по поминти 14 дена, вчера успешно го напуштија 160 македонски граѓани, кој со хуманитарен лет беа вратени во земјава. Статистиката заклучно со вчера покажува дека во државен карантин се наоѓаат 2099 лица, а утре треба да се реализира лет од Лондон до Скопје. За таа цел Министерството за надворешни работи ги информира сите македонски граѓани во Обединетото Кралство, кои планираат да се вратат во земјава со авионски превоз Лондон-Скопје организиран од Владата, рокот за пријавување на повикот завршува денеска, 5 април до 10.00 часот.
Владата овој авионски превоз Лондон-Скопје го организира на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови.
– Упатуваме последен повик до сите вас, македонски граѓани во Обединетото Кралство, посебно оние кои поради вонредно тешките околности насекаде, откажани летови и затворени граници, немаат начин како да се вратат дома, во татковината. Информираме дека Владата организира авионски превоз Лондон-Скопје на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови. Рокот за пријавување на овој последен повик е до недела, 5 април до 10.00 часот, соопшти МНР на својот фејсбук профил.
Од Министерството посочуваат сите заинтересирани да ги достават податоците: име и презиме, број на македонски пасош, контакт телефон и мејл адреса и истите да ги испратат на мејлот од Амбасадата: london@mfa.gov.mk.
