Пред утрешната седницата на која на дневен ред ќе се најде интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши поделени ставови меѓу партиите во однос на тоа дали има одговорност случаите изминатиот период откако е поставен на чело на законодавниот дом. Премиерот Мицкоски уште еднаш потврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата, бидејќи како што рече тој, таа е глупава и незрела.
„Ова е незрело би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ – ДУИ – Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши и ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива. Имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме затоа што разликата на водењето на Македонија на оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна“, вели Христијан Мицкоски.
Интерпелацијата за собранискиот спикер нема да добие ниту од пратениците на Европскиот фронт. Оттаму велат дека иако не биле задоволни од работата на Гаши сепак аргументите на Левица според нив не бил издржани.
„Апасиевците и сличните на нив кај нас ќе најдат само противник и никогаш сојузник. Од друга страна, Алијансата за Албанците нема да ја претвори во морална норма неверството и предавството бранејќи ги истите. Африм Гаши со неговата клика е персонификација на неверството и желбата за власт, газејќи врз сè, дури и врз одлуката на Албанците и нивната иднина. Таквите како Гаши, Касами, Меџити и додадената вредност на ова неверство, Таравари, кај нас ќе најдат само презир и игнорирање“, велат од ЕФ.
За тоа дали е потребна одговорност на собранискиот спикер со спротивен став од опозициската СДСМ. Пратеничката група на оваа партија на денешната координација одлучи дека ќе гласаат за интерпелација на Гаши, поради, како што наведуваат скандалозниот инцидент со неговото обезбедување на аеродромот, како и за одењето со службено возило на свадба. Бараат од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да го повика на политичка одговорност.
„Интерпелацијата треба да се поддржи поради тоа што премногу престапи се направија во јавноста, ние бевме тие што ја запознаа за тие работи. Не само ние, институции излегоа кои што го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување на функционерите“, вели Венко Филипче.
Од коалицијата ВРЕДИ од каде доаѓа и самиот Гаши му даваат безрезервна поддршка. Координативното политичко тело на коалиција деновиве одржа работен состанок на која интерпелацијата ја оценија како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација.
