Кога ќе се гласа новиот владин состав? Мандатарот за формирање на Влада, Зоран Заев, изјави дека денешната седница ќе трае до касно и после тоа ќе го поднесе предлогот за новиот владин состав и програмата на новата Влада. За ТВ21, Заев изјави дека веројатно предлогот до Собрание ќе го достави утре.
Денеска до касно ќе трае процедурата за верификација на мандатите, затоа што се најмалку 9 одлуки. Веројатно утре од сабајле ќе биде поднесен предлогот за влада. Потоа следуваат неколку дена пратениците да се запознаат со владината програма и автобиографијата на кандидатите за министри.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери изјави дека седницата за гласањето на новата Влада ќе се закаже откако ќе биде доставен предлогот од мандатарот, Зоран Заев, а тоа најдоцна треба да се случи до 2 септември.
„Дебатата дека ќе се одржи утре или задутре тоа е само преку политичките партии. Процедурите се јасни, но се уште тече рокот за доставување на предлогот за состав на нова Влада и програма. Додека не биде доставен предлогот јас не можам да кажам кога ќе има седница.“, рече Џафери.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети најави дека предлогот за новата Влада утре ќе биде доставен до Собрание и додаде дека не се сменети имињата на министрите кои ги предложи. Се очекува гласањето да се случи кон крајот на неделата.
