Утре средба на работната група, амандманите не се на дневен ред – Пендаровски: Итно се потребни уставни измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Приоритет и итна работа на државата во моментов се уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот, изјави шефот на државата Стево Пендаровски на панел дискусијата за иднината на проширувањето на Европската унија.

И во оваа прилика Пендаровски го искористи моментот да испрати порака до пратениците за уставните измени.

Алијансата за Албанците уште еднаш се врати на темата дека со вклучувањето на Бугарите треба да се отстранат 20 отсто како дефиниција за Албанците, но премиерот Димитиар Ковачевски го повтори ставот дека Бугарите остануваат приоритет.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека не сака да се вклучи во расправата за уставните измени, но бара политичка одговорност од политичките фактори.

„Не сакам да навлегувам во дебата за уставни измени, но можам да кажам дека се подразбира дека тоа е суверена одлука на државата која мора да се преземе и не сакам да охрабрувам никого да навлегува во оваа дискусија, но Повикувам на транспарентност, политичка одговорност и да се има предвид дека мора да се земат предвид долгорочните цели на оваа земја и нејзината иднина во ЕУ“, вели Гир.

Работната група која ќе се занимава со амандманите за уставните измени утре заседава. Претседателката Маргарита Цаца-Николовска рече дека се работи постепено и сè уште не е дојдено до суштинското прашање за формулирање на амандманот за вклучување на Бугарите.

Македонија мора да ги донесе уставните измени до крајот на оваа година, поточно во ноември кога се очекува да заврши скрининг процесот. Доколку не се направат уставните измени, земјата повторно ќе биде блокирана на патот кон ЕУ.