Вакцинираните пациенти, со полесна клиничка слика – се полни Инфективната клиника, отворена модуларната болница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новохоспитализираните пациенти на Инфективната клиника во Скопје се со потешка клиничка слика, при што  болеста се развива побрзо.  Лицата кои примиле две дози вакцина се со полесна клиничка слика, вели директорката на Инфективна клиника, Милена Стевановиќ.  Најголем број од пациентите се на возраст од 30 до 45 години, односно на средна возраст, за разлика од првиот бран кога вирусот ги напаѓаше повозрасните.

Од синоќа отворена е и модуларната болница бидејќи на Инфективната клиника се исполнети капацитетите.  Од најблиското семејство на пациентите им носат храна  и хигиенски производи.

Некои, загрижени стојат кај модуларната болница во исчекување на вест за нивните најблиски.

Имаше и комбе кое зема починат пациент.

Стевановиќ вели дека нема податоци дали лицата со тешка клиничка слика се заразени со Делта односно индискиот сој на корона вирусот, но додава дека повеќето од нив или се невакцинирани или примиле само една доза вакцина.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека 10% од хоспитализираните пациенти се вакцинирани. Соопшти дека денеска сее регистрирани околу илјада нови случаи со Ковид 19. Инаку во текот на вчерашниот ден ставен е на располагање цел оддел во болницата ГОБ “8 Септември“ каде има слободни кревети.