Валбон Лимани не се повлекува: Вели дека ќе остане на функцијата сè до изборот на нов градоначалник

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во четири општини не беше достигнат цензусот за избор на градоначалници, но најсложена е состојбата во Гостивар. Валбон Лимани, кој од јули е в.д. градоначалник на општина Гостивар, вели дека според законот има право да остане на функцијата до изборот на нов градоначалник на редовни избори. Тој најавува дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд доколку Владата именува нов в.д. градоначалник.

На осми јули бев избран како в.д. градоначалник на општина Гостивар. Согласно Законот за локална самоуправа, член 54, а потоа и член 4, јас треба да ја извршувам функцијата градоначалник сè до изборот на нов градоначалник на редовни избори. Законот вели дека треба да се избере нов градоначалник, без да се прецизира дали станува збор за редовни, повторени или вонредни избори. Јасно е наведено дека мојот мандат трае до изборот на нов градоначалник на редовни избори, вели в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

Лимани додава дека ќе ги искористи сите законски средства, доколку Владата се обиде, како што вели, „да го прекрши законот“.

-Доколку Владата донесе одлука за именување, ќе ја обжалиме и ќе бараме од Уставниот суд да оцени дали таа одлука е во согласност со Уставот и законот. Верувам дека правото е на наша страна, а и сите правни експерти и поранешни судии што ги консултиравме велат дека во случајот со Гостивар ситуацијата е јасна и чиста – според законот, јас треба да ја извршувам оваа функција до избор на нов градоначалник, вели в.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе постапи во согласност со законот, откако ќе го добие официјалното известување од Државната изборна комисија за неуспешните избори во четирите општини.

-Апсолутно ќе постапиме согласно законот, но за да го направиме тоа, најпрво треба да добиеме известување од ДИК дека изборите се завршени и дека во тие четири општини изборите биле неуспешни. Потоа Владата ќе направи назначување, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Големи се шансите во текот на оваа недела премиерот Мицкоски да одржи средба со коалициските партнери, за да се договори именувањето на владините повереници во четирите општини каде што не беше избран градоначалник поради немање на цензус од најмалку 33,33% во првиот круг.

Инаку, во Гостивар на изборите во 2021-ва година Арбен Таравари беше избран за градоначалник со гласовите на граѓаните, но потоа беше именуван за министер, па неговото место како в.д. градоначалник го презеде Валбон Лимани. На локалните избори одржани на 19 октомври, Лимани освои најмногу гласови, но не успеа да го достигне цензусот за само 21 глас.