Македонија направи тежок, но вистински избор, вашата иднина е во Европската унија а вие сте а вистинскиот пат, порача австрискиот претседател Александер Ван дер Белен по средбата со шефот на македонската држава Стево Пендаровски. Белен порача и дека не треба да се губи време и дека треба да се искористи интересот на Европската унија за да се продолжи патот кон целосно зачленување.
„Јас имам навистина огромно разбирање за фрустрацијата која што е присутна во однос на времетраењето на преговорите со Унијата, но токму поради тоа е важно да се искористат овој моментум, ова ново забрзување, зајакнатиот интерес на Европската Унија да биде искористен“, порача Александер Ван дер Белен.
Претседателот Пендаровски рече дека наскоро ќе се формира работната група за изготвување на амандманите на Уставот и притоа ја повика и опозицијата да земе активно учество во донесувањето на уставните измени. Ако ги додадеме и Бугарите во Уставот сигурно нема да пропадне државата, порача Пендаровски.
„Ако опозицијата реши да не учествува ни во работната група која ќе биде допрва формирана од Министерството за правда, ниту во Комисијата за уставни прашања во парламентот, значи ни на експертско ни на политичко ниво како што до сега се нивните јавни изјави јасно е дека и јас да се понудам да ја организирам таа дебата тие повторно нема да учествуваат. Мислам дека грешат и затоа уште еднаш и од оваа позиција ги повикувам да се вклучат и на експертско и на политичко ниво да ги кажат своите аргументи“, порача Стево Пендаровски.
Австрискиот претседател Ван дер Белен се обрати во Собранието каде на пратениците има порача дека сега е важно да се гледа напред и да не се испушти членството кон Европската унија и дека за тоа македонските граѓани ќе им бидат благодарни. Претседателот Белен го посети и гробот на Гоце Делчев каде положи венец и оддаде почит на македонскиот великан.
