Вархеји е разочаран за блокадата на Македонија, Генчовска бара внесување на Бугарите во Уставот пред преговорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јасни пораки од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи упатени токму од Софија, дека војната во Украина покажува дека не смее да се губи време со интеграција на Западниот Балкан во Европската унија. Тој запраша кога ќе се одржи првата Меѓувладина конференција со Македонија и Албанија и изрази разочараност што се уште нема старт на преговорите, но порача дека ќе доаѓа во Софија колку што е потребно за да се деблокира процесот до јуни.

„Кога сме во Софија се уште има едно прашање кое не може да го избегнеме а да не го споменеме и тоа е – Кога ќе ја имаме првата Меѓувладина конференција.
Тоа е големо прашање кога станува збор за Северна Македонија и Албанија. Не можам да сокријам дека сум многу разочаран што се уште разговараме за ова прашање. Мислевме дека го затворивме пред 2 години и сега е повторно на маса“, рече Вархеи.


Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред почетокот на форумот даде изјава дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав треба да се случи пред почетокот на преговорите. Таа во своето обраќање на форумот тоа и го потврди и истакна дека поддршката на Бугарија за евроинтеграциите на регионот не е безусловна.

„Нашата поддршка за европската перспектива на Западен Балкан е категорична, но не и безусловна. Тоа се изразува од нашето очекување дека освен геополитичката ориентација за земјите кандидати ќе биде клучно да се придржуваат и кон основните европски вредности како што е добрососедството. Со нашите најблиски соседи од Скопје сме во постојан контакт водени од заедничкиот стремеж за надминување на разликите создадени од времето на југословенскиот режим“, рече Генчовска.


На форумот во Софија директно од Берлин пристигна и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Тој рече дека во нашите евроинтегративни процеси веќе 20 години нема ништо ново, и и порача на Европската унија дека сега е момент да преземе стратешко лидерство.


„Немам што ново да кажам, ситуацијата е статус кво. Македонија се уште чека по 21година од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, по 15 години од добивањето кандидатски статус и 13 последователни позитивни препораки од Комисијата дека сме ги исполниле сите барања за почеток на преговори. Тоа што е ново е дека кредибилноста на Европската унија во Македонија е во пад“, рече Османи.


Утре во Скопје доаѓа еврокомесарот Оливер Вархеи, а во четврток и помошник државната секретар на САД Карен Донфрид. Се очекува главна тема на разговорите да бидат интеграцијата на Македонија во Европската унија и војната во Украина.