Европската унија е посветена на проширувањето на земјите од Западен Балкан а како потврда е новиот економско инвестициски пакет за заздравување и поттикнување на развојот на регионот, истакна на почетокот еврокомесарот Вархеи.
Во однос на тоа кога може да се очекува преговарачката рамка рече дека се работи на тоа и на одржувањето на првата Меѓувладина конференција , но за отворените несогласувања со Бугарија рече дека не треба да се драматизира.
„Во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија е да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат тие недоразбирања, ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Имам голема надеж дека ќе се реши и ако има потреба во овој процес, ние ќе посредуваме за да се најде решение. Не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, меѓутоа, се разбира сепак е сериозно прашање“, истакна Оливер Вархеји.
Извештајот на Европската комисија и економско инвестицискиот пакет за Западен Балкан се двата документи кои ги добив лично од еврокомесарот Вархеји, истакна премиерот Зоран Заев. Тој рече дека овие два документи придонесуваат да се создаде силен политички момент за конечен исчекор во европската агенда и отпочнување преговарачки процес според новата методологија. Тој му се заблагодари на Вархеји за големата посветеност кон нашата земја особено што доаѓа во период на одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава.
„Мобилизациската финансиска поткрепа од 9 милијарди евра преку ИПА 3 финансирањето во комбинирана форма на грантови и поволни заеми за да се поддржи економската конверзација на Западен Балкан со Европската унија ќе испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформскиот процес со забрзаниот економски развој на целиот овој регион“, додаде Зоран Заев.
Вархеи по средбата и заедничката прес конференција со премиерот Заев имаше средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери по што се обрати пред пратениците и македонската јавност. Најголем дел од своето обраќање тој го посвети на економско-инвестициски пакет во кое истакна дека македонската економија и граѓаните ќе имаат директна корист од тоа.
