Вархеји очекува Софија да се согласи за Скопје – Петков: Доколку има договор, најпрво ќе ја известам Владата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Комесарот на ЕУ за проширување и добрососедство Оливер Вархеји, очекува од Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорите со Скопје. Ова еврокомесарот го напиша на Твитер по средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерот за надворешни работи Теодора Генчовска.

„Вредноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, од исклучителен придонес би било одржувањето на заедничката меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме заедно на тоа. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заедничка основа и поддршка од Бугарија, за почеток на преговарачкиот процес со РСМ во јуни“, посочи Оливер Вархеји.

Иако комесарот Вархеји напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за наоѓање заедничко прифатливо решение за почеток на преговорите, премиерот на Бугарија, Кирил Петков денеска го повтори процесот до носење одлука.

„Треба многу јасно да се каже дека јас како премиер немам никаков независен ангажман. Ако се случи нешто во врска со ова прашање, најпрво треба да биде врз основа на МНР, кое ја информира Владата, да поминеме преку Советот на Коалицијата каде треба да се одлучи, да одиме во Собрание, таму да се реши и потоа може  да се преземаат ангажмани“, вели Кирил Петков.

На 22 јуни Советот на ЕУ, кој се состои од државите членки, се очекува да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана. Македонско-бугарскиот спор и овој пат може да биде пречка за Северна Македонија поради гласот “против“ од Софија.