Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и организацискиот директор Нехад Нухи се ослободени од притвор, откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на нивната одбрана, поддржан со позитивно мислење од Јавното обвинителство.
Судот донесе одлука со која на Васев му е прифатена гаранција во вредност од речиси 184 илјади евра, а на Нухи гаранција од над 348 илјади евра. И во двата случаи станува збор за хипотека на недвижен имот во корист на државата.
Покрај гаранцијата, на двајцата обвинети им се определени и мерки на претпазливост. Тие нема да смеат да го напуштаат подрачјето на град Скопје, ќе имаат обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот, а привремено им се одземени патните исправи.
Од Кривичниот суд информираат дека при носењето на одлуката биле земени предвид позитивното мислење на Обвинителството, како и фактот дека притворот можел законски да трае најдоцна до 18 јули годинава. Бидејќи обвинителството се откажало од правото на жалба, а гаранцијата веќе е впишана во Катастарот, решенијата станале правосилни и обвинетите биле пуштени на слобода.
Васев и Нухи се обвинети во предметот „Онкологија 2“, каде според обвинението во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата. Со тоа, според обвинителството, државниот буџет бил оштетен за речиси 36 милиони евра.
Паралелно се води и предметот „Онкологија 1“, во кој Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Инаку, во февруари годинава судот го одби барањето за укинување на притворот, иако беа понудени имотни гаранции. Претходно, во мај минатата година, на обвинетите им беше определен куќен притвор, кој подоцна по жалба на Обвинителството беше заменет со ефективен притвор.
