Во владината Уредба со која се предвидува поделба на ваучери, не се опфатени студентите од приватните, а ниту од јавно-приватните универзитети, како што е Универзитетот на Југоисточна Европа. Поради тоа, Студентскиот парламент имаше бројни поплаки, и за истите, претседателот на Парламентот, Агрон Демири ги известил Владата и Министерството за образование и наука. Демири вели дека како Парламент можат да покренат тужба, но ги поканува студентите тоа да го направи секој поединечно.
„Ние како Студентски парламент и Студентска асоцијација, го покренавме ова прашање и чекаме одговор од Владата и МОН по службен пат. Имаше реакции од надвор – зошто да бидеме дискриминирани ние како студенти на приватни, но и на јавно-приватни универзитети? Затоа, им велам на сите студенти ако се чувствуваат занемарено, слободно да покренат тужба“, истакна Агрон Демири.
Поплаки имаше и од раководството на универзитетот. Ректорот Абдуљменаф Беџети, смета дека секоја индивидуална тужба која ќе биде доставена пред Уставен суд ќе значи неуспех на институциите. Како што објаснува, за коригирање на грешката не се потребни повеќе од 3% од вкупната издвоена сума за ваучерите.
„Секоја индивидуална иницијатива која ќе биде покрената ќе го добие правото. Неуспех на институциите е кога еден матурант ја тужи државата пред Уставен суд. Добивме бројни поплаки од Студентскиот парламент, дури одеа и до точка на фрустрација. Јас некако се обидов да ги смирам, бидејќи се надевам дека државата ќе ја измени уредбата. Тука не се работи за некоја голема сума, се работи за некаде околу 3-5%“, посочи Абдулменаф Беџети.
Го прашавме премиерот Оливер Спасовски и ресорниот министер Адеми – дали ги разгледале жалбите?!
„Разговарав со претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот на Југоисточна Европа. Тој ме контактираше, комунициравме и со право покренаа вакви прашања, но исто така треба да ги имаме предвид и финансиските можности за обезбедување на средствата“, порача Арбр Адеми.
Инаку, согласно Уредбата со законска сила усвоена од Влада, ваучер од 9.000 денари ќе добијат само студентите кои студираат на државни универзитети. Ваучери од 3.000 денари се предвидени и за средношколците, но и тука не спаѓаат учениците кои наставата ја следат во приватни колеџи или во „Иса Беј Медреса“.
