Вечерва се палат светлата на новогодишната елка на плоштадот во Скопје. Празниците на крајот од годината годинава ќе се слават во центарот на главниот град. На големиот концерт што ќе се одржи на 31 декември се очекува да настапат неколку ѕвезди на македонската музичка сцена. Две од нив веќе најавија жешка атмосфера!
„Ќе биде луда забава! Ќе се обидеме да направиме едно ‘откачено’ славење, не ветуваме ништо, но ќе се потрудиме да биде најдобро можно. Ние ќе бидеме тоа што сме, а понатаму…!“.
На вечерниот концерт нема да настапи ниту еден албански пејач.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека настапи на албански јазик ќе имаат децата во текот на денот.
„Мислам дека во детскиот дел има групи кои се и албански изведувачи, подетални информации ќе добиете подоцна од кабинетот на Град Скопје. Генерално, меѓу ѕвездите кои настапуваат навечер нема, но мислам дека во детскиот дел има албански пејачи и ќе ве информираме.“, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски, исто така, информираше дека на централниот плоштад во Скопје нема да има огномет кога стрелките на часовникот ќе означат полноќ.
„Категорично не дозволувам прослава со огномет. Иако имаше поделени мислења во врска со тоа, што се однесува до иницијативата што произлезе од седницата на Советот, ние не сме надлежни да даваме дозволи или одобренија. Познато е дека надлежно е МВР и доколку јавноста смета дека е поважно, јас го поддржувам тоа наместо огномет да славиме на алтернативен начин. Да бидам попрецизен, Град Скопје нема да користи огномет на новогодишната прослава.“, рече Ѓорѓиевски.
Декорирањето на плоштадите и булеварите започнува од денес, а новогодишните украси ќе останат се до третата недела од јануари, односно до 20 јануари. И божикниот базар ќе биде отворен повеќе од еден месец, што ќе им овозможи на граѓаните да ја почувствуваат празничната магија како во другите метрополи во регионот и Европа. Декорацијата на градот ќе чини 70 илјади евра, додека централниот концерт ќе биде финансиран од Државната видеолотарија на Македонија.
