Вечерва официјално започнува Светското првенство 2026, најголемиот турнир што досега го организирала ФИФА. За првпат во историјата учествуваат 48 репрезентации, а натпреварите ќе се играат во три земји-домаќини: Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. Вкупно ќе се одиграат 104 натпревари, што го прави ова издание најобемно од почетокот на најпрестижното фудбалско натпреварување.
По четири години пауза од триумфот на Аргентина во Катар, емоциите на Светското првенство повторно се враќаат, со милијарди навивачи ширум светот кои ќе ја следат трката за најпосакуваниот трофеј во фудбалот. Свеченото отворање ќе се одржи на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, арена која уште еднаш влегува во историјата како домаќин на првиот натпревар од турнирот.
Интересно е што Мундијалот 2026 е прв што се организира во три држави истовремено, а се очекува да собори рекорди и по број на учесници и по глобална гледаност.
Спектаклот започнува вечерва од 21:00 часот со дуелот меѓу Мексико и Јужна Африка, во рамки на Групата А. Мексиканците, поддржани од домашната публика во стадион со над 80.000 гледачи, ќе се обидат да стартуваат со победа, додека африканската селекција ќе се обиде да приреди изненадување во натпревар кој традиционално привлекува големо внимание.
Двете репрезентации имаат и посебна историја на Светските првенства, бидејќи се сретнаа и во воведниот натпревар на Мундијалот 2010 во Јоханесбург, кој заврши 1:1. Сега, 16 години подоцна, Мексико и Јужна Африка повторно го отвораат најголемиот фудбалски спектакл на планетата.
