Вечерва завршува вонредната состојба – избори на 5-ти јули, освен ако Мицкоски и Заев не се договорат за друг термин

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вечерва на полноќ завршува вонредната состојба, а лидерите на најголемите политички партии без договор околу датумот за избори. По неуспешната средба, трета по ред кај претседателот на државата Стево Пендаровски, на претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ им преостануваат уште неколку часа за меѓусебен договор. Според информациите на ТВ21, лидерот Заев испратил повик до Мицковски за прифаќање на датумот 8 ми јули. Доколку тој датум не биде прифатен, со завршувањето на вонредната состојба денеска на полноќ, останува изборите да се одржат на 5 јули.

Заев денеска од Струмица порача дека отстапува од 5 јули како изборен термин, повикувајќи ја Владата до крајот на денот да побара од претседателот Пендаровски уште едно продолжувањае на вонредната состојба, но само за три дена, за изборите да може да се одржат на 8 јули поточно во среда.

„Јас нема да робувам на 5 јули и да се држам фиксно до овој датум. Имајќи предвид дека и Мицкоски и јас повеќепати спомнувавме дека поприфатливо е изборите да се одржат во среда како неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули среда, а во понеделник и вторник ќе гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација или се хоспитализирани во болница, повозрасните граѓани“, истакна Зоран Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ за ТВ21 велат дека Мицковски ќе се изјасни во текот на утрешниот ден, потенцирајќи дека  денеска е најцрниот ден од коронакризата, а Заев шпекулира за датумот за избори.

„ВМРО ДПМНЕ најпрво инсистира на заштита на здравјето на граѓаните. Во однос на изборниот процес инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите во Република Македонија. Не можеме да имаме избори без набљудувачка мисија на ОБСЕ и да немаме прочистен избирачки список. Она што Заев го сака е избори каде ние ќе броиме корона жртви, каде ќе немаме прочистен избирачки список, и без квалитетен меѓународен мониторинг. Тоа би значило изборна кражба и изборна кланица, а не потврда на народната волја“, посочи Орце Ѓеоргиевски.

По вчерашната лидерка средба, претседателот Пендаровски побара лидерите да ја продолжат меѓусебната комуникација со цел да се дојде до меѓупартиски концензус за терминот на изборите. Додека пак Премиерот Оливер Спасовски порача дека веќе нема потреба од вонредна состојба и дека избори мора да има за да се вратат сите институции со полн капацитет за да можат да се справуваат со пандемијата и економската криза. Изборите требаше да се одржат на 12-ти април, но поради епидемијата со коронавирусот тие беа одложени.