Ветерот од 130 километри на час имал јачина на урaган – регистрирани над 300 штети во главниот град

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Невремето што вчера го зафати Скопје беше од категоријата ураган.Во еден момент, ветерот достигна брзина од 130 километри на час.Штетите беа речиси неизбежни, а денес низ целиот главен град се расчистуваа улиците од остатоците што ветерот ги разнесе насекаде. Во Чаир, како и во многу други делови на Скопје, имаше паднати дрвја кои оштетија автомобили и околните објекти.

Во Карпош, еден стан остана без покрив, откако силниот ветер го откорна.

Без дел од покривот остана и поликлиниката во Бит Пазар.

Штети се предизвикани и на неколку државни институции, како и на Меѓународниот аеродром Скопје.

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ исто така информираше за големи оштетувања на покривот на базенот, кој привремено нема да биде во функција.

На територијата на цело Скопје се евидентирани повеќе од 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја и седум оштетени семафори.

„Дури и една од стрелките на часовникот – симболот на Скопје, кој стои запрен на 5 часот и 17 минути уште од земјотресот во 1963 година, е оштетена од силното невреме. Се очекува надлежните да ја санираат.“, вели новинарот на ТВ21, Етник Ракоџери.

На терен се ангажирани екипи на противпожарната служба, полицијата, јавните комунални претпријатија и екипи од енергетскиот сектор, кои работат на отстранување на штетите и нормализирање на состојбата.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека штетите ќе бидат проценети, а обесштетувањето ќе се спроведе согласно законот и досегашната практика од страна на надлежните институции.

„Штетите ќе се констатираат и согласно закон и искуства од минатото и пракса, ќе биде од страна на надлежните институции сето тоа рефундирано.“, изјави Мицкоски.

Последици од невремето се евидентирани и во Кочани, Штип, Струмица и Вардарскиот регион, каде што се пријавени паднати дрвја, оштетени покриви, прекини во снабдувањето со електрична енергија и оштетувања на инфраструктурата.