Ветување за 7 нови лифтови за тетовската болница – според Министерството за здравство следната недела ќе почне постапката за набавка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во тетовската клиничка болница ќе бидат поставени 7 нови лифтови, вети директорот Пелумб Вела. Според него 2 од лифтовите ќе бидат обезбедени од буџетот на болницата, а другите 5 од Министерството за здравство.

„За  пет нови лифтови ќе ни помогне Министерството за здравство а два ќе ги набавиме во рамките на јавните набавки кои ги имаме како болница. 2 лифтови ќе ги поставиме во делот за интерна медицина, 4 кај хирургија и еден кај делот на ургентен, делот на ургентен кој наскоро ќе се отвори. Еден работи и е во ред и ќе се постави уште еден нов“, вели Пелумб Вела.

И од Министерството за здравство информираат дека постапката за набавка на лифтови ќе почне следната недела.

„Во текот на следната недела ќе почне постапката за набавка на лифтови за Клиничката болница во Тетово. Ќе бидат набавени лифтови и за Универзитетската клиника по хируршки болести и  Универзитетска клиника по стоматологија“, вели МЗ.

Проблемот со лифтовите во тетовската болница е одамнешен бидејќи постојаните лифтови се амортизирани и повеќето од времето имаат дефект. Тв21 информираше за овој проблем пред неколку месеци кога пациентите но и телата на починатите се носеа на рака или со еден лифт, кој се чекаше со часови .