„Вака ние обичните смртници чекаме за преглед во Ковид центарот во 8ми септември“, пишува Ана Јанкуловска која денеска чекала ред пред центарот од каде објави и видео снимка преку која ги покажа гужвите од граѓани кои чекаат за преглед во Ковид центарот во „8-ми Септември“.
Таа истакнува дека во сред пандемија нема три смени, додека пак вработените започнуваат со работа од 08:30 часот.
„Во меѓувреме луѓево со температура, пневмонија, омалаксани, со отежнато дишење, дремат надвор на минусни температури и се молат докториве да се смилуваат да отворат врати. Патем јас со бронхопневмонија чекав 3 часа. Една жена волонтерски направила ливчиња и ги дели на луѓето за колку толку да се направи ред.Патем на истово место чекаат и луѓе со ДРУГИ инфективни болести (значи на истиов куп со заразните од корона)“, пишува Јанкулоска.
Таа додава дека таму чекаат и за вакцини, тетанус и слично, па доколку немаат упат од матичен, како што вели, „пр. се влошила состојба ноќе и немало кој да ти издаде упат – не те примаат, те брка обезбедувањето“.
„Ова е во Ковид центарот во 8ми септември, на клиника пак да те примат е научна фантастика. Со упат чекав два дена по 3 часа за да ми дадат проклет упат за ренген и не дочекав, измрзнав и нормално морав да го правам приватно.Ова е само дел од хоророт на македонското справување со пандемија, ептен ми е лошо за да пишувам уште, инаку штом се опоравам ќе напишам се низ што како семејство проаѓаме и колку не чини вирусот, а еден посебен ферман ќе треба да им го посветам на лекарите и сестрите со ЕГО ДО ПЛАФОН што не смееш ништо да им кажеш или да ги прашаш“, посочува Јанкулоска.
