ВИДЕО: Објавена снимка на која Трамп му се заканува на Путин дека ќе ја бомбардира Москва

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп им рекол на донаторите собрани на приватен настан во 2024 година дека му се заканил на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако ја нападне Украина. Видео снимката ја објави Си-Ен-Ен.

„Му реков на Путин: Ако влезеш во Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Немам избор“, се слуша како вели Трамп на снимка од настанот за собирање средства.

„Ми рече дека не ми верува, но ми веруваше 10 проценти“, додаде Трамп.

Американскиот претседател, исто така, тврдеше дека му испратил слична порака на кинескиот претседател Си Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг доколку Кина го нападне Тајван. „Тој мислеше дека сум луд“, рече Трамп за Си. „Но, никогаш немавме проблем“.

Снимките од повеќе собири за собирање средства зад затворени врати во Њујорк и Флорида во 2024 година, добиени од новинарите Џош Дози, Тајлер Пејџер и Исак Арнсдорф, се објавени во нивната нова книга „2024“. Досега тие не се објавени за јавноста. Кабинетот на Трамп одби да коментира за нивната содржина.

На снимките, Трамп изгледа поопуштен и поотворен отколку во јавноста, а покрај заканите за надворешна политика, тој зборуваше и за депортацијата на студентите од протестите и тврдеше дека луѓето кои примаат социјална помош „секогаш ќе гласаат за демократите“.