ВИДЕО: Почесна артилериска стрелба по повод 34 години од македонската Армија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во касарната „Илинден“ во Скопје вечерва беше изведена почесна артилериска стрелба во пресрет на утрешното одбележување на 34-годишнината од формирањето на Армијата.

Припадниците на артилерискиот баталјон истрелаа 10 плотуни од шест артилериски орудија. Снимките од настанот ги објави министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој кратко порача: „Нека одекне гордоста“.

Годишнината на Армијата се одбележува со повеќе активности во Скопје, Штип и Охрид. Централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата, ќе се одржи утре во Кампот за обука на вода во Охрид, со почеток во 11 часот, во присуство на највисокиот државен и воен врв.

По повод 34-годишнината, денеска свеченост беше одржана и во касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде беше извршена смотра на 2. пешадиски баталјон и други армиски единици.

Денот на Армијата се одбележува на 18 август, датумот на кој во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за прва организирана воена формација на Народноослободителната војска на Македонија.

Процесот на формирање на современата македонска Армија започна во 1992 година, по договорот за дислокација на ЈНА од територијата на тогашната Република Македонија.

Денес Армијата е дел од НАТО, најголемиот колективен систем за безбедност, откако Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та полноправна членка на Алијансата.