ВИДЕО: Розовите фламинга го „окупираа“ брегот на Албанија во близината на Валона

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пандемијата од коронавирусот и карантинот во Албанија донесе и нешто убаво, кога е во прашање животинскиот свет.

Позитивен ефект кај нашиот западен сосед е зголемувањето на богатството на фауната. Се претпоставува дека за повеќе од три пати се зголемил бројот на розовите фламинга, кои го окупираа брегот во Нарта, во близината на градот Валона.

Но, тие не се единствените птици што безгрижно ги шират своите крилја.

– Кадравите пеликани „цутат“ во спокојството. Нивните старатели се надеваат дека смиреноста ќе ги натера птиците да се репродуцираат, истакнува „Еуроњуз“.

Задоволството од тоа искажа и албанскиот премиер Еди Рама.

– Добро утро.Какво волшебство има Албанија, напиша Рама на фејсбук постирајќи фотографија од летот на розовите фламинга.

Розовиот фламинго е најраспространет вид од семејството на фламингата. Повеќето од пердувите му се розовобели, но крилјата му се покриени со црвени пердуви, а основните и средните пердуви за летање му се црни. Клунот му е розов со црн врв, а нозете му се целосно розови.

Овие птици живеат во мочурливи предели и плитки крајбрежни лагуни со солена вода.

Видеото подоле е од „инвазијата“ на розовите фламинга од 2019 година, а сега се претпоставува дека оваа година ги има три пати повеќе. Еве како изгледало тоа ланската година: