
Започнувам со цитат од премиерот Христијан Мицкоски, од пред неколку часа, сниман по вечерата кај американскиот претседател Џо Бајден.
„Даваме се од себе да го вратиме изгубеното достоинство изминативе седум години, за жал кое го немавме не само овде во Вашингтон туку и насекаде низ светот бидејќи не претставуваа политичари кои што за среќа на граѓаните сега се веќе минато“.
Премиерот не потенцираше на што точно мисли, но може да се интерпретира дека станува збор за договорите со Бугарија и Грција. Договорот од Преспа кој овозможи денеска да бидеме тука и да славиме 75 години НАТО заедно со 32-земји членки, актуелната Влада го смета за спорен, но вели дека е факт.
Иако премиерот рече дека дома ќе користи Македонија, а надвор уставното име, сепак вчера барем во јавно достапните настапи за медиуми, не го искористи уставното име.
Вчера се одржаа и низа на средби. Мицкоски по таа со техничкиот премиер на Бугарија посочи дека е потребно релаксирање на односите и да се гледа на иднината и дека темите од минатото нема да ги зближат двата народи. По средбата пак со премиерот на Албанија кој веќе видено се појави во бели патики, беше заклучено дека треба фокус да бидат точките кои и двете држави ги обединуваат, со акцент за развој и градење на добри односи.
„Помина времето на свиткани кичми. Помина времето на корумпирани политичари кои што доаѓаат од Македонија и политичари кои што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално се. Да потпишат се, да го прифатат секој понижување кое ќе им е понудено на маса, само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски синоќа лобирал за Македонија и како што пишува тој, испратил порака дека регионот наместо со минатото потребно е да се занимава и гради иднина. Министерот за одбрана синоќа беше на прием кај секретарот за одбрана Лојд Остин, а таму беше потпишани писмо за намери за воспоставување на усогласен корисдор за воена мобилност за потребите на НАТО. Потпис ставија Италија, Албанија, Македонија и Бугарија. Министерот за надворешни работи пак беше кај државниот секретар Антони Блинкен. Пред средбата Муцунски во интервју за Гласот на Америка, рече дека Македонија ќе продолжи со поддршка на Украина, а руската агресија мора да заврши со крај посакпува за Алијансата. Во однос на договорот од Препса, Муцунски вели дека тој е срамен и недостоинствен акт, но истовремено дека се свесни за реалноста која доаѓа со тој договор.
„Не можеме туку така да ги урнеме тие обврски. Затоа рековме, да, тоа е недостоинствен договор, но договор којшто имаме обврска да го почитуваме. Затоа ги преземаме сите потребни мерки да го почитуваме договорот. Тоа што премиерот вели колоквијално ќе се користи терминот Македонија во јавни говори дома не значи прекршување на договорот. Тоа е наше толкување на договорот. Тоа е јасно определено во членот 7, каде точно е објаснето како може двете страни да го користат и терминот Македонија, и терминот македонски, ѝ е објаснето дека тоа има различно значење и за двете страни. Од таа гледна точка признаваме дека имаме обврски, коишто имаме намера да ги почитуваме, и докажуваме на дело дека истите ги почитуваме, како дома така и надвор од државата, тоа е таа „ерга омнес“ употреба за која што говориме“, порача Тимчо Муцунски.
Денеска на агендата, е состанокот на северноатланскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, индо-пацифички партнери и на Европската унија. Потоа следува состанок на Советот НАТО-Украина и самитот ќе заврши со прес конференција на генералниот секретар во заминување Јенс Столтенбер во 22 часот и 30 минути по македонско време. Но, можеби тоа ќе биде во сенка, бидејќи час подоцна закажана е и прес конференција на американскиот претседател Џо Бајден, за која тука во Вашингтон велат дека ќе ја одреди политичката иднина на претседателот кој се бори за нов мандат.
