Вкупно 55 години затвор за „Таргет-Тврдина“, Мијалков на 12 и во притвор, Јануловска 4 години казна затвор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Некогашен нивен шеф, а денеска лице кое требаше истите тие да го спроведат како обвинет. Сашо Мијалков со марица донесен во Кривичниот суд.

Вкупно 55 годишни затворски казни изрече судечкиот совет за нелегалното прислушување, а потоа и уништување на опремата.

„Судот обвинетиот Сашо Мијалков го осудува на единствена казна затвор во времетраење од 12 години. Судот обвинетата Гордана Јанкуловска ја осудува на казна затвор во траење од 4 години.“, рече судијката Џенета Бегтовиќ.

И останатите девет лица беа осомничени во овој случај добија затворски казни, од кои 5 се условни.

  1. Сашо Мијалков – 12 години затвор ( му се смета и времето поминато во затворски и во куќен притвор)
  2. Гордана Јанкулоска – 4 години затвор
  3. Горан Грујевски – 15 години затвор
  4. Никола Бошковски – 15 години затвор
  5. Надица Николиќ – 3 години затвор
  6. Тони Јакимовски – 6 години затвор
  7. Владимир Варелов – условна осуда од 2 години
  8. Маријан Шумуликоски – условна осуда од 2 години
  9. Силвана Златова – условна осуда од 2 години
  10. Васко Исакоски – условна осуда од 2 години
  11. Валентина Симоноски – условна осуда од 2 години

Сите обвинети, освен бегалците Грујевски и Бошковски, дојдоа да ја слушнат пресудата во судница.

„Обвинетите кои во критичниот период биле високи функционери на власта покажале став дека функционерите се над законот. Кога таков функционер со такви овластувања го прекршува законот тоа ги урива темелите на правната држава , функционерите би требало да ги почитуваат законите, на нив им се дадени големи овластувања и исто така од токму од нив се очекува најголем степен на одговорност. Тие ги уживале сите привилегии, но целосно ја уништиле довербата на јавноста во институциите и власта.“, рече Бегтовиќ.

Одлуката ја донесе донесе петчлениот судечки совет во состав: Џенета Бектовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца поротници. Пресудата е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Но, изрекувањето на пресудата за дел од судечкиот совет, не беше ни малку лесно.

На крајот од пресудата судијата се извини и рече дека тоа е поради носењето на маските.

Поради опасност од бегство и потврдата од МВР дека нема опрема да спроведување на 24 часовен аудио и видео надзор врз Сашо Мијалков, судот го прифати предлогот за затворски притвор.

„Потврдени се податоците дека обвинетиот Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, каде има регистирано и две возила на свое име“, рече обвинителката Ленче Ристовска.

Еден од адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски, приговараше и побара судот да го одбие предлогот за притвор потенцирајќи дека не е вина на Мијалков што МВР нема технички можности за 24-часовен надзор, како и дека неговиот клиент со ништо не покажал дека ќе избега. Мијалков немаше што да додаде, само посочи дека останува на кажаното од адвокатот.

„Спрема обвинетиот Сашо Мијалков се определува мерка притвор, до правосилност на пресудата на овој суд, односно до започнување на издржување на казната, но најдолга 60 дена.“, рече Бегтовиќ.

Притвор е одреден и за Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кој ќе важи од моментот кога ќе им бидат достапни на органите на прогонот.