Фахрудин Хамиди од позицијата извршен директор и Љубе Стаменковски секторски извршен директор да бидат разрешени од нивните функции а на нивно место да бидат поставени Илир Мехмеди и Милан Кораќ. Ова е заклучокот од денешната владина седница која ќе биде доставена до Надзорниот одбор на М-НАВ.
„Со ваквата одлука најавениот штрајк засега ќе биде во мирување.“, велат од Влада.
Претседателот на Синдикатот Александар Тасевски за ТВ21 вели дека прво сака и официјално да види дали Надзорниот одбор ќе ја спроведе ваквата владина препорака.
„Засега немаме официјална информација освен тоа што го слушнавме од медиумите. Засега одлуката за генерален штрајк ќе ја ставиме во мирување бидејќи ќе почекаме да видиме дали одлуката на Владата ќе биде испочитувана од Надзорниот одбор на М-НАВ и дали ќе ја спроведе, односно дали ќе бидат сменети директорите.“, рече Тасевски.
Инаку, во М-НАВ денеска влезе и Финансиска полиција. Оттаму за ТВ21 ја потврдија информацијата и рекоа дека ќе ги направат сите контроли вклучително и сите обвинувања кои доаѓаат од синдикатот за нерегуларности во јавните набавки и трошењето на парите.
„Постапуваме по поднесена пријава и според надлежностите на Управата за финансиска полиција ќе извршиме проверки и увид во работењето на М-НАВ. Според нашите надлежности ќе направиме проверки да видиме дали има сомнение за сторени кривични дела. Проверки ќе се прават во финансискиот дел, во процедурите и така натаму. Одиме да извршиме анализа на целокупната документација, да извршиме темелна проверка и потоа ќе излеземе со извештај“, велат од Финансиска полиција.
За скандалот со упадот во просториите на М-НАВ судија на претходна постапка од Кривичниот суд им определи мерки за претпазливост иако од Јавното обвинителство беше побарано притвор на лицата кои ги нападнаа контролорите на летање за време на работа, а меѓу напаѓачите беше и Беким Незири. Во врска со последните реакции во јавноста за одлуките на судиите од Судски совет испратија соопштение во кое се вели дека судовите се независни во своето постапување и одлучување.
„Во врска со последните реакции на јавноста за случајот М-НАВ Судскиот совет ја известува јавноста дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ја следи работата на судовите.“, велат од Судски совет.
Упадот во просториите на М-НАВ се случи на 4 јануари по прес конференцијата на претседателот на синдикатот Александар Тасевски кој рече дека се под засилени притисоци од менаџментот на М-НАВ поради несогласувањата со последниот оглас за вработување. Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди, упадот во М-НАВ го оцени како „мало кошкање“ меѓу вработените кое се познавале долги години.
