Владата ја усвои финалната верзија на Законот за високо образование и, како што вели вицепремиерот Беким Сали, во него се вклучени сите предлози од универзитетите на албански јазик. Тој истакна дека со овој предлог се адресирани клучните прашања покренати од академската заедница и дека гарантираат дека ниту еден вработен нема да остане без работа.
„Конечно, постигнавме успех да имаме добро прецизиран закон кој ќе одговори на сите потреби на високото образование во наредниот период. Тоа подразбира договор… или една важна точка, која беше загриженост кај академскиот кадар – укинувањето на „H индексот“, кој во минатото требаше да биде основен критериум за академски избори или напредувања. Секако, тука гарантиравме и дека ниту еден вработен на нашите универзитети нема да биде отпуштен од работа“, изјави Сали.
Албанската опозиција не го поддржува овој предлог-закон. Пратеничката на ДУИ, Арбана Пашоли, вели дека забелешките не се целосно адресирани и дека се создава непотребна еуфорија на социјалните мрежи.
„Мислам дека станува збор за еуфорија која тие ја шират на социјалните мрежи. Сметам дека отстранувањето на H индексот е повод да се одвлече вниманието од сериозните проблеми на овој предлог-закон, кои се однесуваат и на финансиската автономија, но и на централизацијата на одлучувањето“, рече Арбана Пашоли.
Законот за високо образование се очекува да биде доставен во Собранието за разгледување од пратениците. Иако предлог-законот е поддржан од ректори на јавни и приватни универзитети, тој, и покрај измените, наиде на реакции од академската јавност, која изразува сериозна загриженост дека може да ја загрози универзитетската автономија, да ѝ даде поголемо влијание на Владата во одлучувањето, особено при именувања и институционално управување. Професори и експерти предупредуваат дека тоа може да доведе до политизација на универзитетите и слабеење на академската независност. Дополнителните критики се однесуваат на квалитетот на образованието, финансиските аспекти, како и на недостаток на транспарентност и вклученост во процесот на изработка.
