Владата најави два проекти – реконструкција на болницата „8 Септември“ и охридскиот аеродром

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкција и адаптација на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и реновирање на болницата „8 Септември“ позната како воена болница, со вкупна вредност од 14,7 милиони евра најави Владата. Проектот за аеродромот во Охрид  опфаќа изградба на нова административна зграда со проширување на просторот за патници. Министерот за транспорт Александар Николовски рече дека ова е прва реконструкција на аеродромот откако тој е изграден.

„Целосна реконструкција и адаптација на постојната зграда на површина од 2 илјади метри квадратни на двете нивоа, целосно нов сообраќаен режим на постојниот паркинг и сето ова ќе значи прво реконструирање на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ откако истиот е изграден“, порача Александар Николоски.

Проектот за реновирање на болницата го претстави министерот за здравство Арбен Таравари кој рече дека ќе бидат опфатени делот за интензивна нега и хируршките сали а за прв пат се воведува и роботска хирургија.

„Се работи за простории од околу 2 илјади метри квадратни, 7 хируршки сали и 7 боксови за интензивно лекување на овие пациенти. Исто така 800 метри квадратни помошен простор кој што ќе им служи на докторите за консултации и други помошни простории. Исто така биохемиски лаборатории, што е многу битно, микробиолошка лабораторија“, вели Арбен Таравари.

Таравари претходно беше и во клиничката болница „Свети Наум Охридски“ на која ги претстави двата нови апарати во Одделот на урологија.