Владата нарача вакцини од Јапонија – на сомнителните серии на БСЖ вакцините им истекол рокот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Двете серии на БСЖ вакцината против туберкулоза, за кои постои сомневање дека предизвикале остеомиелитис кај четири деца во Хрватска, кај нас веќе биле искористени и не се во употреба.

Причината е што рокот на употреба на овие серии истекол во јуни годинава, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

„Ги обезбедивме информациите за двете серии на вакцини за кои е потврдено дека има несакани ефекти. Станува збор за сериите од 2022 и 2023 година, на кои рокот на употреба во Македонија им истече пред неколку месеци. Значи, такви вакцини веќе нема во употреба во нашата земја. Побаравме од надлежните институции, од Комисијата и Институтот за јавно здравје, да направат анализа, бидејќи во моментов нема евидентирани случаи со несакани реакции од вакцините, за да направиме детална анализа и да видиме дали има нешто што не е евидентирано кај нас во „Мој термин“.“, вели Сашо Клековски.

Поради загриженоста кај граѓаните предизвикана од несаканите реакции по БСЖ вакцинацијата во Хрватска, чии вакцини се од бугарски производител, а истите се користеа и кај нас, Клековски информираше дека отсега земјава ќе се снабдува со вакцини од Јапонија.

„Денес постигнавме договор со УНИЦЕФ да обезбедиме количини за една година од јапонски производител. Значи, во постапка сме за обезбедување вакцини од Јапонија.“, вели Сашо Клековски.

Од бугарскиот производител, пак, велат дека пријавувањето на четири проблематични случаи во Хрватска не значи нужно дека е утврден проблем со квалитетот на вакцината.

Од Комисијата за имунизација кај нас велат дека евентуалните несакани здравствени реакции може да се појават по неколку недели, но и по неколку години.

Во земјава годишно околу 15 илјади новороденчиња ја примаат вакцината против туберкулоза, а досега не се пријавени здравствени компликации.